Раст на цените на становите од 1,8% во третото тримесечје од годинава и прекин на 21-месечниот континуиран пад, регистрира Народна банка на Македонија (НБМ) во својот последен квартален извештај. Во извештајот се коментира дека со ова зголемување силно забавил падот на цените на становите на годишна основа, па сега изнесува 1,3% наспроти 4,7% во првиот квартал од оваа година. Во услови на постојана висока понуда на пазарот на недвижности од втората половина на 2010 година, дополнително стимулирана од странските и јавните инвестиции, пресвртот на трендот на движење на цената на становите може да се објасни со постепениот раст на трошоците за изградба - наведуваат аналитичарите на НБМ, според кои на пораст на цените посочуваат и показателите на страна на побарувачката, со оглед на тоа што растот на станбените кредити продолжува и во првите два месеци од третиот квартал.
Раст на цените на становите од 1,8% во третото тримесечје од годинава и прекин на 21-месечниот континуиран пад, регистрира Народна банка на Македонија (НБМ) во својот последен квартален извештај.
Во извештајот се коментира дека со ова зголемување силно забавил падот на цените на становите на годишна основа, па сега изнесува 1,3% наспроти 4,7% во првиот квартал од оваа година.
- Во услови на постојана висока понуда на пазарот на недвижности од втората половина на 2010 година, дополнително стимулирана од странските и јавните инвестиции, пресвртот на трендот на движење на цената на становите може да се објасни со постепениот раст на трошоците за изградба - наведуваат аналитичарите на НБМ, според кои на пораст на цените посочуваат и показателите на страна на побарувачката, со оглед на тоа што растот на станбените кредити продолжува и во првите два месеци од третиот квартал.
Во извештајот се наведува и тоа дека и покрај ваквото квартално зголемување, нивото на цените на становите и понатаму останува како во преткризниот период, односно во 2008 година, кога вредноста на станбениот квадрат го достигна максимумот, пред се поради високиот раст на реалниот доход и намалувањето на реалната каматна стапка на кредитите.
Понудата на поволни кредити што ја раздвижи побарувачката, а не растот на трошоците за изградба е причина градежниците да ги дигнат цените во изминатите месеци, оценува претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Сеад Кочан. Тој објаснува дека нови пресметки за цената на станбениот квадрат градежниците прават кога трошоци на целокупната градба ќе им се зголемат за 5%. Во изминатиот период имало поскапување на одредени трошоци, но вкупните не се искачиле над максималната граница, па според него, тие не се причина за регистрираниот раст на цената на становите.
- Регистриран е застој во падот на цените на становите. Тоа може да се должи на активностите на банките кои дадоа повеќе и поповолни станбени кредити. Тоа доведе до благ раст на побарувачката, особено во периодот по годишните одмори, што влијаеше на цените. Но, нема драматичен пресврт, не очекуваме нагли движења, зашто во тој случај може да дојде до енормна презаситеност на пазарот - вели Кочан.
Тој објаснува дека и покрај тоа што статистичарите повеќе месеци наназад пресметуваа пад на цената на квадратот, градежниците се уште се држат до основната цена по која ги продаваат становите. Отстапки прават во договорите со купувачите, во зависност од тоа дали и колку пари им се потребни.
Кочан потврдува дека градежниците се уште "на лагер" имаат околу 5.000 станови, за кои не можат да најдат купувачи.
- Тоа се претежно поголеми станови, а во недостаток на средна класа на граѓани, најдобро одат, односно уште во градба се продаваат помалите станови - објаснува претседателот на Градежната комора.
Ова го потврдуваат и агентите за недвижнини. Претседателката на групацијата на агенции за недвижнини при Стопанската комора на Македонија, Лилјана Ковачева вели дека најголем е интересот за помалите станови. Според искуствата на агентите, сега најмногу се купуваат скромни, помали станчиња, колку за да може да се стартува со нешто свое.
Додека статистичкото сведување на бројките и фактите укажува дека за купувачите на станови на пазарот на недвижнини владеат неповолни трендови, градежниците кои учествувале во најновата анкета на Државниот завод за статистика за деловните тенденции во градежништвото, влеваат оптимизам.
- Во наредниот период се очекува продажните цени да се намалат - изјавиле тие. Според нивните согледувања, она што најмногу им го кочи бизнисот е конкуренцијата во секторот, која во ограничувањето за подобрување на сегашната градежна активност влијае со 19.3%. Со сличен процент, поточно 19.1% влијае немањето побарувачка, со 15,7% зголемените трошоци за материјали, додека на четврто место меѓу ограничувачките фактори, се зголемените финансиски трошоци поради каматите, кои влијаат со 12.1%.